Uncategorised

EKLEKTIKA

Накратко, те молам раскажи ни како настана EKLEKTIKA и што сè опфаќа овој твој бренд?

ЕКЛЕКТИКА е бренд зад коj стојат двајцата дизајнери на накит, Моника Лозановска и Александар Милев. Како резултат на нашето другарство и во заедничкиот обид  да создадеме единство меѓу нашите различни карактери и различните дизајнерски стилови – се роди идејата за ЕКЛЕКТИКА. ЕКЛЕКТИКА  е бренд за сите „Само-украсувачи“, „Носачи“, колекционери и љубители на филигран, сребро, месинг, бакар. Целта на ЕКЛЕКТИКА е предизвикот за надополнување на две различности. Цел е и обединувањето – на разни начини на размислување, стилови, ставови, идеи и материјали Но,ние како дизајнери на накит, секогаш сме отворени да ги задоволиме и одговориме кон побарувањата на нашите клиенти, при тоа задржувајќи го автентичниот и препознатлив стил.

Која е твојата секојдневна инспирација?

Инспирација добивам од секаде сите оние прекрасни локации кои имав можност да ги посетам , но пред сé од материјалот и спојот на необични комбинации. Секое парче е индивидуално и обично почнувам директно да работам  со материјалот, тоа е како дијалог помеѓу мене и материјалот. Во мојот процес прво ги селектирам  камењата и кога имам насока во кој правец ќе оди дизајнот, ги оставам  да „лежат“ на маса неколку дена,  допуштајќи им да ми покажат што сакаат да бидат.

Што ги прави твоите производи уникатни?

Уникатноста е во удобноста и леснотијата со кои се носи мојот накит. По природа сум перфекционист и тоа го насочувам кон желбата да создадам чувство дека накитот е дел од вашето тело. Колекциите следат еден минималистички стил, нудат избор на моќни парчиња, изработени од најразлични материјали.

Што е најново од твојата креативна работилница?

По успешната SENSES, оваа година ја промовирав колекцијата LUA. Колекција која за основа го зема бисерот, но овој пат во неговата природна форма. Среброто и иновативното користење на филигранската техника исто така се пристутни низ дизајнот. Бисерот кој се користи е главен белег на колекцијата. Истиот е материјал  увезен по порачка и воопшто не е доспапен на нашиот пазар. Со овој факт, парчињата накит  добиваат на уникатност и единственост.

Каде може да се купат твоите производи?

Нашите производи можат да се најдат и купат во нашето ателје во Старата чаршија, поточно внатре во магичниот Капан ан. Брендот е присутен и на социјалните платформи Facebook и Instagram преку кои секојдневно ги информираме љубителите на накит за новитетите кои нудиме.