Macedonian version

Интервју за Добредојде Македонија Велкам Центарот co Чарлс Гарет, Британски амбасадор во Република Македонија

Интервјуто го водеше: Милица Трпевска, бивша ученичка на Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ – Скопје

Британскиот Амбасадор во Македонија, Неговата Екселенција Г-дин Чарлс Гарет, ми посака добредојде во Британската резиденција каде што се одвиваше интервјуто за он-лајн списанието на „Добредојде Македонија“ центарот. Тој ги сподели неговите впечатоци за Македонија, за нејзиниот народ и култура. Г-дин Гарет се приклучил кон Британската дипломатска служба во 1987 година. Пред да пристигне во Македонија, тој бил на привремена служба како Офицер за надворешни работи во тимот кој го подготвуваше Дијамантскиот Јубилеј на Кралицата Елизабета. Пред тоа, тој службувал како Шеф за меѓународни односи на Организацискиот комитет за Олимписките и Параолимписките игри во Лондон кои се одржаа во 2012 г. Неговата дипломатска кариера е поделена помеѓу Европа и Источна Азија, со позиции во Кипар и Швајцарија, како и во Хонгконг и Тајпеј.

Ваша Екселенцијо, Ви благодарам многу што се согласивте да направите интервју за списанието на Добредојде Македонија центарот. Навистина сум почестена за ова интервју со Вас и ќе започнам со прашање за Вашето искуство во Македонија. Нема сомнеж дека имате огромна улога во Македонија, во различни аспекти. Во однос на целиот Ваш мандат, од првите впечатоци кога пристигнавте, учењето на јазикот, запознавањето со културата, до сегашната политичка реалност, односно како се сместивте во локалниот контекст? 

Ви благодарам многу за можноста. Се чувствувам многу добредојденво Македонија. Една од причините што можев да работам со мотивација и енергија овде е што Македонија е убава земја со топли луѓе и прекрасна култура. Тоа ме мотивираше да учам македонски што за возврат ми помогна во работата. Откако поминаа три години од мојот мандат, повремено сум тажен што ми останува уште една година овде. Но, се разбира оптимистичкиот поглед е дека имав три одлични години, а уште една е пред мене.

Линк до првиот дел на интервјуто, каде Амбасадорот Гарет зборува за неговите впечатоци од Македонија:

Ви благодарам на одговорот на ова пошироко прашање. И навистина ми е многу мило што мојата родна земја била толку љубезна кон Вас. Можете ли да ни кажете нешто повеќе за улогата на Британски амбасадор во Македонија, што би ги советувале идните амбасадори?

Интересот на Британија овде е да и помогне на Македонија да стане побезбедна, побогата и постабилна земја, за да биде посилен партнер за нас во Европа. По тие прашања амбасадата работи на широк спектар на програми, поддршка на британските компании тука во Македонија, ги следи политичките настани, ги опслужува британските граѓани на кои им е потребна помош. Би го советувал идниот амбасадор/ка детално да се подготви за сето ова. И се разбира, да научи македонски јазик.

Одличен совет, се надевам идните амбасадори ќе го следат, за доброто на сите. Знаеме дека развивте многу влијателен и посебен твитер профил. Знаеме дека на многу луѓе им се допаѓаат Вашите објави, но исто така има и реакции за Вашите битни дипломатски изјави. Според Вашето мислење, колку се корисни модерните форми и канали на комуникација, за Вашата сензитивна работа овие денови?

Ова е област што се смени драматично откако јас станав дипломат пред 30 години. Порано главните канали на комуникација беа весниците, телевизијата и радиото. Денес тие помалку се користат, додека пак социјалните медиуми се повеќе – фејсбук, твитер, инстаграм,снепчет итн. Во денешно време така се информираат луѓето и разменуваат идеи. Форин Офисот многу ги поттикнува своите дипломати да ги користат овие канали за да ги соопштат своите пораки и да добијат повратни информации од локалното население. Затоа и толку многу сум присутен на фејсбук и на твитер. Со тоа се олеснува работата на дипломатите затоа што овозможува поблиска врска со граѓаните.

Ви благодарам многу за Вашиот одговор екселенцијо. Со оглед на тоа дека Вие го гледате нашето општество и нашата култура, можете ли да ги споредите двете земји, Велика Британија и Македонија, дали сме многу различни и кое е Вашето мислење, дали Македонија треба да напредува во економијата, или во други области?

Македонија е и многу слична и многу различна од Обединетото Кралство. Нашите култури се различни. Вие имате култура која потекнува од Југоисточна Европа, нашата е типична за Северозападна Европа. Климата ни е различна. Географијата ни е различна, економиите ни се различни. Но, имаме и многу сличности. Како европски земји делиме многу интереси, како прашањата за безбедноста, стабилноста и просперитетот. Тоа значи дека работиме како партнери за да ги унапредиме нашите интереси за луѓето во Македонија и во Британија.

Според Вас, во што може Македонија да напредува, во економијата, образованието, туризмот и сите други области во однос на нашето општество?

На ова прашање не може да се одговори накратко бидејќи е долгорочно прашање. На Владата ие потребна стратешка насока и јасна идеја каде сака да биде за десет години. Но, добрите вести за Македонија се што има одлична можност и потенцијал. Секогаш кога одам на Шар Планина на пример, или на места како Охрид, го гледам потенцијалот во туризмот. А тука се и уникатните македонски производи како ајвар, и вино од прекрасното грозје вранец кои тукушто почнуваат да влегуваат на британскиот пазар. Има толку многу потенцијал за македонскиот туризам и извоз.

Линк до вториот дел на интервјуто каде Амбасадорот Гарет го споделува неговиот став за потенцијалот на Македонија да напредува во економијата, како и во општествениот живот во целина:

Ви благодарам Екселенцијо, ова беше многу добар одговор. Дали би можеле сега да се префрлиме на културата, тоа е исто така уште една интересна тема. Обединетото Кралство го има развиено и споделено концептот на креативни индустрии со светот, и стана едно од главните европски трендови. Дури и овде во Македонија, Британскиот совет работеше со националните авторитети од културата за за развивање на Национална стратегија за креативни индустрии. Според Вас, каде е културниот потенцијал за овој сектор да расте и да може да додаде практична вредност за овој документ, Националната стратегија за креативни индустрии?

Во право сте. Британија има силен креативен сектор, особено во телевизијата, филмот, архитектурата, игрите… листата продолжува. Нашиот успех е изграден врз образованието, пристап до финансии, и клучно – разнобразноста на британското општество. Многу од нашите креативни бизниси се лоцирани на места со најразлично население. И ова не е за изненадување. Група на луѓе од различни делови на светот, со различни култури, различни перспективи, идеи, ќе создадат импресивна креативност. Македонија навистина има природна предност во оваа област. Вие сте многу разнобразно општество, со етнички Македонци, етнички Албанци и Турци, Власи, Бошњаци и Роми, Евреи и многу други. Доколку ги соберете нивните различни перспективи и идеи, на добар пат сте да го развиете вашиот креативен сектор.

Ви благодарам Ваша Екселенцијо, одлично што размислувате за искористување на силата на различноста на општеството овде во Македонија и тоа е доста неискористена област што може уште повеќе да се развива. Да се придвижиме кон причината зошто сме овде. Во 2016 година бевте Почесен Претседател на Меѓународниот добротворен базар организиран од Добредојде Македонија Центарот. Според Вас, зошто добротворната работа и ангажираноста на граѓаните е битна за општеството денес и како тоа може да ги инспирира и окуражи луѓето во Македонија да се вклучат повеќе со добротворна работа во нивниот секојдневен живот.

Општеството секогаш добива од луѓето кои се вклучени во добротворна работа. Многу од работите кои го подобруваат општеството, што ја унапредуваат околината, кои ги поддржуваат послабите во општеството, многу од овие работи зависат од дејствата на индивидуалците кои се мотивнирани од најразлични причини. Има граница за тоа што може Владата да направи за граѓаните. А општеството е посилно со здрав волонтерски сектор, не само поради директните придобивки, туку и поради тоа што самите волонтери добиваат многу од тоа. Сум посведочил на многу од овие примери затоа што мојата ќерка Флоренс е со попречености тоа не доведе во контакт со многу волонтерски иницијативи. Сум ги видел придобивките кои ги носат за сите кои се вклучени во процесот. Колку повеќе вложуваш, толку повеќе добиваш.

Што во однос на Македонија? Што мислите за добротворниот сектор овде, како може овде да ги вклучите и инспирирате луѓето посветуваат повеќе време на добротворни работи?

Тука сум видел многу добротворни иницијативи кои навистина ги подобруваат животите на луѓето. Неодамна бев домаќин на една македонска иницијатива за поддршка на бизнисите кои сакаат повеќе да работат на добротворни активности. Не само како лица, туку и бизнисите добиваат преку програмите за општествена одговорност – навистина така добиваат сите.

Многу Ви благодарам Екселенцијо. Да преминеме на следната тема, Меѓународниот добротворен базар кој го организира Добредојде Македонија Центарот. Собраните средства оваа година ќе одат за Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид, „Димитар Влахов“ во Скопје.“ Знам со сигурност дека Вие бевте дел од организацијата на Олимписките и Параолимписките игри во Лондон и веројатно таму сте сретнале некои слепи спортисти. Би можеле ли да ни кажете некоја приказна, или анегдота, кој би можела да ги инспирира слепите деца и младинци овде во Македонија и според Вашето мислење, како би можеле тие да се гледаат себеси да бидат самостојни лица и силни членови на нивните општества, овде и во Обединетото Кралство.

Кога работев на Олимписките и Пара-олимписките игри во Лондон во 2012 година, имав колега Крис Холмс. Крис ослепе преку ноќ кога имаше 14 години. Можете да го замислите неговиот шок. Но, со поддршката на неговото семејство и другите, тој продолжил со животот, се квалификувал после Камбриџ како адвокат и пливал за Британија. Има освоено многу повеќе медали од кој било друго британски параолимпиец. Овој човек, преку лидерство, инспирација и одлучност ги организираше најдобрите Параолимписки игри што некогаш ги имало на светот. За мене нема подобар пример од тоа како слепилото, без разлика колку е големо како шок за еден човек, не треба да ве спречи да постигнете многу.

Се надевам дека наскоро ќе го видиме Лорд Холмс во Македонија. Се прашував кое е Вашето мислење, кон што треба да се стремат слепите да станат повеќе независни, повеќе самостојни, и повеќе да придонесуваат кон општеството. Дали имате некоја порака, или совет за нив?

Најдете некој пример на кого може да се угледате, некој кој ве инспирира. Ти си добар пример Милица. Еве си овде и ми правиш интервју мене. Сведок сум дека се снаоѓаш низ Скопје, го живееш животот со полн здив. Покажуваш дека нема причина дека слепо лице не може да го прави тоа. Се разбира дека е потребна поддршка. Но, во основата мислам дека се се состои во амбицијата и одлучноста, да се фокусираш на нешто и да работиш да ти се исполни.

Линк до третиот дел од интервјуто, каде Амбасадорот Гарет ја споделува животната приказна на неговиот пријател, Лор Крис Холмс кој е успешен слеп правник и спортист. Тој исто така дава корисен совет за слепите деца и младинци кои живеат во Македонија:

Во право сте, јас секогаш се обидувам да послужам како пример за тие да станат понезависни и да може да се угледаат на мене и да ме гледаат како пример за тоа како може да се успее во животот со напорна работа и со посветеност. Да се насочиме на последното, но не и помалку важно прашањекако ги гледате мисијата и активностите на Добредојде Македонија Центарот во Македонија, каква идна улога може да има?

Добредојде Македонија Центарот е одлична организација. Им помага на дипломатите да имаат поисполнет живот во оваа прекрасна земја. Исто така го зближува општеството за добри каузи. Овогодинешната кауза за училиштето за слепи ученици е добар пример. Центарот преку својата организација ги зближува луѓето, собира средства, му овозможува на училиштето да продолжи да ги поддржува децата во Македонија кои се слепи. Добредојде Центарот има битна улога во овој процес.

Линк до четвртиот дел од интервјуто: Амбасадорот Гарет зборува за мисијата и важната улога на „Добредојде Македонија“ центарот:

Каква улога може да има Центарот во иднина, како Ви изгледа дека ќе се развива во иднина?

Мислам дека може да се развива со она што сега го прави, да им помага на дипломатите и локалната заедница.

Ваша Екселенцијо, Ви благодарам за интервјуто. Се надевам дека ќе се видиме наскоро на Добротворниот Базар и дека ќе направиме уште едно интервју по настанот за Вашите впечатоци за тоа како се дистрибуираат фонфовите на училиштетот и како им оди на учениците благодарение на амбасадите и сите дипломатски мисии со поддршка на Добредојде Македонија Центарот.

Многу Ви благодарам. Уживав во интервјуто.